БАБА РОГИ НА НОВИОТ ВЕК
„Средување неколку табли пред журка за екипата, со што твојата испаѓа гага, е една работа. Но, 300 ексери испратени по пошта од Прага на домашна адреса во Скопје, е нешто сосем друго. Се согласив иако знаев дека е многу ризично и непромислено. Другарот гарантираше за успешна достава, иако не се понуди самиот да биде примачот на пратката. ’Стигна некој плик за тебе‘, ми рекоа кога едно попладне се вратив од вежбите на факултет. Го отворив со растреперени раце, на само. А, внатре- 15 фломастери, исти како штотуку произведени. И, по 20 таблети во секој од нив, бели со печат од ’lacoste‘ крокодилот. Помислив на парите што ќе ги заработиме од нивната продажба. Очите ми светнаа.“
Не се работи за извадок од некоја книга или сценарио, туку за вистинска приказна. Ова е само еден од многуте начини на кои синтетичките дроги илегално пристигнуваат во земјава. Македонската полиција, со годишно запленети околу 5000 таблети амфетамин, екстази и мета-амфетамин (податоци за 2009 г., н.з.), е немоќна пред амфетаминската епидемија која веќе неколку години се шири кај нас и низ светот. Особено кога се знае дека во земјава до сега се пресечени единствено меѓународни нарко-канали за шверц на хероин и марихуана, но не и на синтетички дроги.
Од друга страна, експертите од ООН нагласуваат дека некогашното домашно производство на амфетамини, метамфетамини и екстази, денес прерасна во „голем бизнис“. Според извештаите, околу 80 проценти од вкупното производство на синтетички дроги доаѓа од тајните лаборатории во Европа. Голем број од нив се во соседна Бугарија и Србија, од каде амфетамините најчесто и пристигаат во Македонија. Бугарскиот амфетамин важи за еден од најнеквалитетните, произведен во домашни услови, и е прилично поефтин од оној што се продава во Западна Европа. Секој посредник меѓу производителот и крајниот корисник го сече и меша, па на крајот во составот може да се сретнат антибиотици, парацетамол, вар, аспирин, бебешка пудра... На големо, 100 таблети екстази чинат околу 200 евра, а на парче се продаваат за 200-250 денари.
АПОКАЛИПСА СЕГА
Она што пред неколку години беше предупредување, сега е веќе секојдневие. Но, додека западните нарко-пазари се стабилни или во опаѓање, во земјите во развој бројот на корисници на синтетички дроги постојано расте. Шарените и интересно дизајнирани таблети и прашоците доминираат во животот на младите, олеснувајќи им ги целовечерните журки, рушењето на табуата и бариерите, соочувањето со здодевниот и напорен свет на возрасните. На листата на корисници се сите оние кои имаат потреба од повеќе енергија и зголемена будност и мозочна активност, средношколците, студентите...
„Овие дроги се многу популарни затоа што се стимуланси, апери. Сите психички функции се ексцитирани, има подобро расположение, зајакната моторичка функција, забрзан проток на мисловните процеси, побрза и полесна комуникација“, објаснува Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, супспецијалист по болести на зависност.
Статистиките на НВО-ата покажуваат дека околу 30.000 млади луѓе од земјава се секојдневно во контакт со разни нелегални психоактивни супстанции. Според извештаите на ООН и ЕУ, амфетамините се трети по ред на листата на најкористени дроги, а бројот на нови корисници постојано се зголемува. Трендот денес гласи: повлекување од хероинот и преориентирање кон, наводно, почистата монденска дрога- кокаинот. Но, бидејќи белото е поскапо, и амфетамините ќе завршат работа. Не залудно се нарекуваат „кокаин за сиромашните“.
„Кога прв пат почнав да земам ексери, се чувствував супер. Бев многу самоуверена, задоволна. Мислев дека оваа дрога е како измислена за мене. Ми даваше енергија, ме правеше среќна. А, потоа не можев да станам од кревет. Животот ми беше хаос, ме фаќаше нервоза, параноја, депресија. Првата година кога прекинав со сѐ, чувствував дека нигде не припаѓам. Другарите кои и понатаму се дрогираа ми беа одбивни, а оние кои беа ’нормални‘ не ги доживував за блиски. Како да бев растргната меѓу два света, во едниот не сакав повеќе, во другиот, по она што го имав доживеано, не можев...“, раскажува Ива (29). Таа веќе седум години е чиста. Вели дека само јаката волја и желбата ѝ помогнале да издржи и да не проба пак. „Од кога ќе поминеше дејството, станував најужасниот човек на светот. Ги мразев сите. Не дека ми идеше да се фрлам од прозор, како во владината реклама за амфетамини, но не можев да се поднесам ни самата себе си, а ни другите. На почетокот ми беше многу потешко, но сега без проблем велам ’не, фала‘, кога ќе ме понудат со нешто, табла или амфас. Иако искушението е големо, а кога ќе ги видам како им сјаат очите и колку се весели, сакам и јас повторно да се чувствувам така, одбивам зашто не сакам да поминам низ истиот пекол потоа“, додава Ива.
HARM- FREE?
Во Македонија се уште нема центар кој би помогнал на амфетаминските зависници при откажувањето. „Заедницата се уште ги занемарува синтетичките дроги, не гледа на нив како на општествено зло и ги маргинализира. Дадена им е предност на опијатите затоа што тие се поврзани со криминал, но и со интравенската употреба, а оттука и со крвно преносливите болести и вирусот ХИВ“, објаснува спец. д-р Ставре Грамов, психијатар во Психијатриската болница „Скопје“.
И, додека популарноста на синтетичките дроги расте со помош на евтиниот маркетиншки трик harm- free, а митот дека нема да станеш зависен од нив регрутира нови корисници без проблем, глобалното село почна да се сомнева дека последиците по поединецот и општеството се далеку побезопасни од оние што ги преизвикуваат опијатите. При долготрајно користење доаѓа до органски промени како висок крвен притисок, срцева аритмија, намален имунитет, проблеми со бубрезите и црниот дроб итн. кои, за среќа, се реверзибилни, ако навреме се прекине со употребата. Екстазите и амфетаминот предизвикуваат и сексуални проблеми, првенствено со ерекцијата и ејакулацијата, иако во минатото важеа за love pills. Многу голема количина на амфетамини може да доведе до спонтан оргазам, но истовремено постои и голем ризик од срцев удар. Друга опасност е и можноста за амфетаминска психоза која се јавува по хронична, краткотрајна или единечна висока доза на амфетамин. Во зависност од ситуацијата и структурата на личноста, настануваат делузии, халуцинации, аудитивни и визуелни перцептивни измами, емоционална лабилност, бизарно однесување, деструктивност. Затоа, во акутната фаза пожелно е корисникот да биде во друштво на пријателите. Нормализирање на состојбата доаѓа по неколку дена. Терапијата е симптоматска, а особено е важно да се третираат и психичките промени.
Сепак, досега ретко кој корисник тропнал на вратите на некоја од надлежните клиники. „Овие лица не чувствуваат дека имаат проблем на зависност бидејќи не постои физичка зависност. Тие мислат дека може да ја контролираат, да ја возат дрогата без никакви последици. Но, постои можност за психичка зависност. Затоа се потребни помош, пристап и програма за намалување на штетите, но поинакви од оние што се користат кај опијатните зависници“, потенцира д-р Дарко Костовски, дел од тимот на ХОПС.
